Хронологија - Полио Плус - движење против хендикеп

Margina Obscura Прашањето на хендикеп во пристапувањето кон ЕУ
Центар за вработување на лица со хендикеп
English
Macedonian
Go to content

Main menu:

Хронологија

ХРОНОЛОГИЈА - КАКО СЕ КАЛЕШЕ ЧЕЛИКОТ
Warning: this document is seriously poliocentric!!!

    Пролог                    
  • 1954 - ???
  •        1944 Македонскиот народ (барем во еден дел) се здоби со своја државност. Дел од македонскиот народ (лицата со хендикеп) се здоби со своја организација – се формира Сојузот на слепи на РМ во 1946 год. Подоцна ќе биде формиран и Сојузот на глуви (1948) како и с# друго – под патронат на државата која што се грижеше за с# “што е друго”.
      Формиран ЗИОМ                    
  • 1983
  •          Од неколкуте здруженија и сојузи на лица со хендикеп се формира чадорска организација наречена Заедница на инвалидски организации на Македонија (ЗИОМ). Причината е чисто финансиска и со цел искористување на лотариските средства. Затекнатите состојби од поранешна СФРЈ при формирањето на ЗИОМ ќе ја решат структурата, членството, надлежностите и финансирањето. Ваквото брзоплето ад хоц решение за долго време ќе претставува статус љуо во “движењето” на лицата со хендикеп во Република Македонија.           
      Донесен ЗЗГФ           
  • 1997
  •          По долго време правна празнина а фактичко постоење на новиот тип на граѓанско здружување (т.н. невладини организации - НВО) државата донесува Закон за здруженија на граѓани и фондации (ЗЗГФ) кој отвора (и стеснува) поинаков простор за граѓанско организирање и влијание во заедницата. Стапи во сила во 1998 година.           
      Дисиденти           
  • 1999
  •          Од ЗИОМ се отцепува групата на родители на деца заболени од церебрална парализа и формираат истоимено мрежно здружение (ЗРДЗЦП). ЗИОМ реагира тромо, но успева ЗРДЗЦП да ги исклучи од системот на државна поддршка. Мрежата брзо се распаѓа, а само неколку ограноци успеваат да опстанат и локално да делуваат. Многу важна поука и порака кон идните можни дисиденти.    
      “New kids on the block”   
  • 30.01.2000
  •          Основачко собрание на Полио Плус. Тринаесет лица од кои седум кои прележале полио (детска парализа) формираат организација која на хендикепот ќе гледа како на прашање на човекови права и најавува раскин со милосрдието и медицинскиот модел на хендикеп. Задача која лесно се памти, но тешко се остварува. Организацијата е регистрирана во март истата година. Овој пример подоцна ќе биде следен од многу активисти и родители на лица со хендикеп. Поради овој “светол” пример односите меѓу Полио Плус и ЗИОМ секогаш ќе бидат “ладни и матни”           
      Вработување на инвалиди со ЗАКОН!           
  • Мај, 2000
  •          Собранието донесе Закон за вработување на инвалиди. Вредно поле за правна работа но и бавча за манипулации и арамилак од страна на заштитните фирми, политичари и тезгаџии мерено со милиони (евра). Потрошивме тони хартија и куп време ама овој Закон (и покрај десетина измени и дополнувања) е еден од нашите поголеми неуспеси за промена на нештата.            
      Дерегистрација !?           
  • Август, 2000
  •          Полио Плус го превзема својот прв проект “Да се препознае вистината” (поддржан од ИТЗ) работејќи на партиципација на лицата со хендикеп во изборниот процес (локални избори 2000-та). ЗИОМ го “надградува” својот игнорантски став и превзема акција за дерегистрација на Полио со образложение дека “ние сме инвалиди и не смееме да се занимаваме со политика”. Процес однапред осуден на неуспех, но процес кој ќе ги кочи многуте евентуални заеднички успеси.           
      “Октроирана Стратегија”           
  • Ноември, 2000
  •          Владата на РМ донесува Национална стратегијата за изедначување на можностите на лицата со хендикеп. Документот има своја едукативна улога. Меѓутоа, стратегија која не содржи носители, рокови, финансии, ниту пак акционен план не е стратегија туку - чиста позиција. Сепак, и како таква има своја едукативна улога. Во декември пак Владата од група “слепци” формира тело за следење на т.н. “стратегија”. Ова тело ја следи судбината на документот кој го набљудува и полека станува само бледа сенка на она што требаше да биде.            
      Нем протест - гласна акција !           
  • 03.12.2000
  •          Нем протест! Иритирани на “славењето” на меѓународниот ден на лицата со хендикеп (во некоја далечна бања) само со лица со хендикеп, и само како “приватна забава” поставивме три забетонирани колички пред клучни владини институции. Од тоа се изродува еден од најголемите и најуспешни проекти на Балканот на тема “пристапност”. Проектот “Нееднаков пристап - еднакво на престап”, спроведен есента 2001 год (а и понатака), прераснува во вистинска акција и модел за успешно влијание во менување на свеста и самоорганизирање на заедницата. Правната компонента на проектот е основ за подоцнежна промена на прописите од оваа област. Сето тоа подоцна е убаво објаснето со филмски јазик во документарецот “Тони мора да шета” (на МК и ЕН јазик)           
      Сопче (со шалтерче)           
  • Јануари, 2001
  •          Градоначалникот на општина Кисела Вода се согласи да ни отстапи просторија. Ние пак се согласивме редовно да ја одстапувавме на ДИК за време на избори (оти беше пристапна). Иако имаше само 11м2 нас ни изгледаше како палата, а во средите (неделен собир на членови) собираше и по 15-20 активисти.           
      Трета АНТАНТА           
  • Февруари, 2001
  •          Полио Плус станува асоцијативен член на Еуропиан Дисабилитѕ Форум (ЕДФ) - единствена членка од Република Македонија и прва индивидуална во југо-источна Европа. Ова зачленување и подоцна изградените партнерства ќе придонесат во изградбата на правниот капацитет на организацијата и нејзино профилирање како лидерска невладина организација во својот сектор.           
      Засилување           
  • Март, 2001
  •          Кон Полио се приклучи Кристина, сопругата на британскиот амбасадор во Македонија. Нејзиното потекло и искуство значително ќе ја унапреди и акцелерира работата на организацијата и ќе овозможи полесно лобирање и меѓународна (а богами и домашна) поддршка.           
      Д.К           
  • Јули, 2001
  •          Полио ја презеде од ИРЦ (поради нивно итно напуштање на кризно подрачје) креативната работилница во Специјалниот завод Демир Капија и продолжи да ја води (со подршка а богами и без) следните три години. Рачно сликаните шамии и машни поминаа десетина изложби и се најдоа на вратовите на многу лица (од Борис Трајковски до Маргарет Тачер).           
      Штаб           
  • Септември, 2001
  •          QBE на Полио му отстапи простор од 100м2 во елитна деловна зграда на престижна локација во центарот на Скопје. “Бујото” го направи мебелот, компјутерите дојдоа проектно. Формиравме “Штаб” и Редакција на “Вулкан” со постојано ангажирани лица. И од тогаш, па до сега, не можеме да се објаснуваме со никого дека сме мала и сиромашна невладина организација. А и не се ни трудиме.           
      Драгстор           
  • Ноември, 2001
  •          Клучен момент за организацијата е кога Звонко решава да ја напушти работата во МВР и целосно да се посвети на Полио и Вулкан. Подоцна истото го чини и Душко. Постојаниот ангажман прераснува во 24 часовна рабоота а Полио функционира како да е Ројтерс (а и како драгстор).           
      “Вулканизација”           
  • 26.12.2001
  •          Полио го издаде првиот број на “Вулкан – магазин на лицата со посебни способности”, кој во континуитет 5 години ќе информира, едуцира, анализира и ќе го “вулканизира” македонскиот медиумски простор.           
      Постои ли друго решение?           
  • Јануари, 2002
  •          Полио Плус стартува со медиско-правната кампања “Да бидеме искрени”. Контраверзниот Хитлер од билбордите прави паралела со нацистичкиот однос на државата кон лицата со хендикеп. Правната компонента од мал калибар води до голема придобивка - првата правна канцеларија за лицата со хендикеп во РМ “Јустицијана”.           
      На улица!!!           
  • Март - Јуни, 2002
  •          Полио Плус изведе серија од 7 улични театарски престави кои за теми ги имаа пречките кои лицата со хендикеп секојдневно ги имаат во заедницата. Вниманието што “театарот” го предизвика во јавноста ќе го обележи Полио како бунтовничка организација. Подоцна ќе си имаме проблем: зошто од “непоколебливи” борци на барикадите сме станале “незаобиколни” гости на приемите.            
      Vox Populi I           
  • Мај - Јули, 2002
  •          Преземено прво поголемо истражување (примерок: 930) на односот на јавноста кон лицата со хендикеп. Резултатите за вклученоста, политичката партиципација и јавниот живот преставуваат основ за развој на среднорочната стратегија на Полио Плус и инспирација за следните два значајни правни проекти.           
      Награда за Лорд Бајрон           
  • Јули, 2002
  •          Полио го добива првото признание (од МЦМС) за борба за правото на пристап и вадење на лицата со хендикеп пред очите на јавноста!!! Воглавно за уличните театри и младинската работна бригада “Лорд Бајрон” која наместо социјализам градеше пристапни рампи. Изградивме над 70 рампи а заедно со Архитектонскиот факултет инспириравме многу неимари на пристапноста… Подоцна дојдоа и други награди - но оваа ни е најдрага.           
      Јустицијана           
  • Октомври, 2002
  •          Отворена првата правна канцеларија (правна амбуланта) “Јустицијана”. Покрај бесплатните правни совети и административна помош “амбулантата” ги покриваше сите трошоци на адвокатска заштита (вклучувајќи и покривање на судски такси) во сферите на работни односи, надомест на нематеријална штета и медицински грешки. Јустицијана успеа да издејствува најголема исплата на претрпена болка и нагрденост на лице со хендикеп во историјата на македонското судство. Не така успешната втора компонента на амбулантата “следење и промени на легислативата”, н#  одведе дирекно до ИППЛГ и идејата за развој на системско законодавство.           
      Ластовички           
  • Јануари, 2003
  •          Свативме дека, без обзир, колку сме успешни и посветени, сонцето нема да засјае, бидејќи “една ластовичка пролетта не ја носи”. Полио плус се вклучи во големиот регионален проект на Хендикеп Интернационал “Схаре Сее”, како партнер за Република Македонија, и започна активно да работи на зголемување и подигнување на капацитетите на организациите на лица со хендикеп. Макотрпен процес кој доведе до формирање на силна мрежа од независни НВО на лицата со хендикеп, но и додатна конфронтација со ЗИОМ.           
      Волшебникот од ОЗ           
  • Јануари, 2003
  •          Со цел профилирање на работата на полето на дизајн и креативност а од друга страна обезбедување на одржливост на организацијата формиравме “Претпријатие за вработување на инвалиди – ОЗ Дизајн”. Но и покрај неколкуте успешни “зделки” и добиени тендери константните промени на Законот за вработување на инвалиди (но и промените во Полио) не ни дадоја простор ОЗ да профункционира по тој закон.            
      Совршено !!!           
  • Јануари - Декември, 2003
  •          2003-та е прогласена за Европска година на лицата со хендикеп и Полио Плус ја превзема големата медиумска кампање “Никој не е совршен” одбележувајќи ја (самоиницијативно) европската година но и пропагирајќи домашна (македонска) акција. Кампањата подоцна е прогласена за најдобро медиско/нво-вско случување а УСАИД го вбројува Полио+ како водечка организација во НГО - (Еуро-Асиа) Сустаинабилитѕ индеџ и тоа во проблематичните области: застапување и лобирање. Водечката позиција е задржана и во следните две години.          
      Силни политичари ...          
  • Март, 2003
  •          Истражувајќи дали има доволно добра воља и зрели услови за силна лобирачка активност, посветена личност на висока функција организира пресс а новинарите пренесуваат: “Силни политичари го поддржуваат Полио”. И без да “сакаме” првото отворено лоби за правата на лицата со хендикеп започна да се самоконституира.           
      Ходник           
  • 17.05.2003
  •          Прва, отворена, (па и) свечена седница на новото лоби (ИППЛГ) се одржа во македонскиот Парламент. Одеднаш ходниците (лоббѕ) се отворија за лицата со хендикеп а каде тие водат - ретко кој знаеше. Терминот “системско законодавство” (крајната цел на овие мисионери) почна да талка барајќи ги своите следбеници. ЗИОМ се обраќа до Парламентот и моли законодавниот дом да не станува заложник на една мала и безначајна организација. Подоцна (2005) јавно се извинија за таквиот став (кон Парламентот ама не и кон Полио).           
      На face од place           
  • 23.07.2003 - ???
  •          За само два месеци работа на ИППЛГ македонскиот Парламент донесе Декларација за заштита на правата и достоинството на лицата со посебни потреби. Правно необврзувачки, но морално насочувачки документ. Но за да не се сведе с# само на хартија 17 пратеници кинисија до “коснозглобна болница”, “банско” и “демиркаписко”. Како што тогаш кажа еден пратеник :”Едно е да ти кажат, ама друго си е кога ќе си видиш со свои очи”. Од тогаш ја свативме силата на “Лице – на лице место” и на сите парламентарни состави на ИППЛГ им организираме такви “соочувања”. Во тие моменто ни се приклучија многу други. Некои не знаеле, некои не виделе… Ех, како на толку гледање не прогледаја?            
      CanDoCo           
  • 7 Октомври, 2003
  •          Британскиот совет организира балетската група од лица со хендикеп “Кендуко” од Британија да ја посети Македонија. Полио се нафати да анимира публика. Имавме полна Универзална сала а според танчерите поголема посета доживеале само во Бразил.             
      Меѓународна конференција           
  • 09.11.2003
  •          Полио Плус заедно со Советот на Европа, Хендикеп Интернационал и ЕДФ организира голема меѓународна конференција, во Скопје, со над 100 учесници, од владин и невладин сектор од 14 европски земји. На конференцијата е донесена “Декларација за хармонизација на законодавствата на земјите аспиранти за членство во ЕУ”. За значењето на овој настан ни зборува фактот што следната таква конференција, по две години во Сараево, имаше работен наслов “Скопје 2”.            
      Награда “Вулкан” и “регионалната”           
  • 03.12. 2003
  •          Деделени првите награди за креативност на лицата со хендикеп “Вулкан”. За разлика од се слично до сега за прв пат лица со хендикеп наградуваат труд на лица со хендикеп а наградата ја врачува претседателот на Републиката. На истиот настан се доделени награди за добитниците на регионалниот конкурс кој го спроведе Полио Плус за објавена фотографија на тема “Хендикеп” во 6 балкански држави.          
      Во главните текови          
  • 16.03.2004
  •          Полио Плус стана членка-основач на Граѓанската платформа на Македонија (ГПМ) и член на нејзиниот Комитет. Чекор кој, од гетоизирање при самоорганизирање, симболично означува премин кон главните текови на општеството и можност лицата со хендикеп, во граѓанското здружување, покрај јадосувањето врз својата мака, да се вклучат и во решавањето и на другите проблеми кои ја тиштат заедницата.          
      ООН - I          
  • 24.05. - 06.06.2004
  •          Претставници на Полио Плус, заедно со 33 невладини организации од светот, учествуваат (под уставно име) во работата на третото заседание на Ад хоц Комитетот на ООН за донесување на сеопфатна и универзална Конвенција за заштита на правата и достоинството на лицата со хендикеп. Насловната во Дневник - “Полио ќе ја брани Македонија во ООН” ќе предизвика додатни влошувања на односите со ЗИОМ, па дури и нивни “разузнавачки” активности…           
      “Единствен глас”  - по нашки           
  • 07.07.2004
  •          Конечно ги собравме! По многу препукувања и меѓусебни обвинувања, ЗИОМ и представници на 15-тина нови организации на лица со хендикеп, под патронат на ИППЛГ (а со сопствени пари), организираат советување во Охрид за да ги надминат разликите меѓу себе и да успеат да артикулираат “единствен глас” по клучните прашања. Секако обидот не беше успешен, но ракавицата беше фрлена, и барем процесот одпочна.            
      Осипување           
  • Октомври, 2004
  •          Предходно Чомбе а потоа и Кристина го напуштија Полио. Не дека и до тогаш некој не “изгорел во процесот” но тоа беа значителни човечки ресурси за една мала организација. Организациски одговоривме со воспоставување Секретаријат од 6 клучни лица на ниво на постоечките програми.           
      Заедно ЗА ЕДНО !          
  • 03.12.2004
  •          4-тиот НВО саем започна на меѓународниот ден на лицата со хендикеп. 16 организации (вклучувајќи ги и ЗИОМ-ци) настапија заедно, еднаквите можности за лицата со хендикеп беше главна тема на саемот а лице со хендикеп свечено го отвори настанот. Следеа серија промотивни настани кои не беше ни малку лесно да се излобираат и да се организираат.           
      Сина книга (со многу бои)           
  • 05.12.2004
  •          Првата фаза во изградбата на Системско законодавство - истражување - успешно заврши со промоција на книгата “Меѓународни норми и стандарди за лицата со хендикеп”. За квалитетот и значењето на оваа публикација ни зборува и фактот што до сега книгата е преведена на англиски и на српски, а е вброена во факултативна литература за студентите на правниот факултет “Јустинијан И”. Подоцна ќе следи и “Црвената” која се осврнува на македонското законодавство. “Жолтата” пак го објасни и кодифицира напорот и борбата за систем во ова сфера. Трилогија со над 1000 страни.           
      Yes we can!!!           
  • 19.12.2004
  •          На “Св. Никола” во Банско, на “обичен” тренинг паѓа идејата да се предложи Системски закон до Парламентот преку собирање на 10.000 потписи. И покрај предупредувањето дека до сега кај нас немало успешна граѓанска иницијатива, и дека најверојатно такво нешто не е лесно, еуфоријата преовлада а “револуцијата” беше разбудена.    
      “Самосуспендирање”   
  • Април, 2005
  •          ИППЛГ одржа седница (скоро во полн состав) каде едногласно се согласија да се изземат од поднесување на Предлог Системски закон и да се приклучат како обични граѓани давајќи придонес на (пред време наречена) “првата успешна граѓанска иницијатива во Република Македонија”. Вдахновените дискусии за иницијативата во “минато-успешно-свршено-време” особено му се бендисаа на авторот на овој текст.          
      На пол пат          
  • 19.05. 2005
  •          ИППЛГ на свечена седница во Парламентот го слави својот втор роденден и го промовира СЗ и предстојната иницијатива. Претседателот на Парламентот ветува пристапно Собрание и поддршка на иницијативата. На седницата гости од регионот, Европа но дури и лице со хендикеп од Хондурас кое собира искуства од нашата приказна. По три месеци Дијана стана пратеник во парламентот на Хондурас и формира лоби група по урнек на нашата.           
      Vox Populi II           
  • Јуни- Септември, 2005
  •          Превземено второто истражување на јавното мнение за лицата со хендикеп (примерок 1686). Податоците за видливоста, бенефиции, политичка партиципација и придружување кон ЕУ се основ за доработка на афирмативните акции во СЗ, но и за пристап кон целната група во предстојната кампања.           
      ООН – II           
  • 12.08-24.08.2005
  •          Двајца претставници на Полио Плус зедоа учество на шестото заседание на ООН Ад хоц комитетот за донесување на Конвенцијата за лицата со хендикеп. Овој пат не како НВО-претставници туку како членови на македонската делегација во ООН (составена од двајца, се разбира). Двете македонски интервенции влегоја во финалниот текст на конвенцијата.   
      “На петнаесетти септември ...!!!”   
  • 16. 09. 2005
  •          Иако датумот е метафора за друга пригода сепак, и покрај збунувачките информации и “добронамерни” совети успеавме да го поднесеме предлогот за граѓанска иницијатива само пет дена пред донесување на новиот Закон за граѓанско изјаснување, кој не само да го рестриктира тоа право, туку тотално исфрли можност НВО да се јави како иницијатор. Жалиме за оние кои се измачија да го истуркаат ова чудо од закон во итна постапка и да не пресретнат, но ние бевме побрзи.           
      Непристоен предлог           
  • Септември, 2005
  •          Од кабинетот на Премиерот ни советуваат дека нема потреба ние да се “мачиме” со преземање на некаква иницијатива затоа што Владата била спремна да ни направи закон за нас. Се “правдавме” дека е доволно што ни “подарија” Стратегија ама овој закон ќе си го сработаме сами.           Одговорот не им се допадна.            
      Третото македонско востание           
  • Октомври - Ноември, 2005
  •          Иако собирањето на потписи (заглавено во правни процедури) се уште не беше отпочнато ние тргнавме со пред-кампања - Миле Стојковски во својата количка се спушти од Мечкин камен до Прилеп во ноќта спроти 11-ти октомври. Учествуваше во импровизираниот напад на градот а утредента тргна на пат низ Македонија во анимирање на идните потписници.          Караванот за еднакви можности помина 1 600 километри во константни 44 дена на пат, обиколувајќи ја цела Македонија. По патот на Миле му се приклучија многу луѓе, пешаци, велосипедисти, трактористи, ролери - завршувајќи на 23 ноември во Гевгелија, предводени од тројца луѓе во инвалидски колички.           
      ЦИА, КГБ и остали           
  • Октомври - Декември, 2005 ... а и потоа ...
  •          Можеби поради проблематичниот референдум, можеби поради лошиот помин на локалните избори ... но се соочивме со силен отпор на институциите кон било која форма на граѓанските изјаснувања, без обзир на неспорноста на нашата иницијатива.
             Можеби нема никогаш да утврдиме од кои причини некои документи со негативни согледувања и измислени правни пречки во низа беа исфабрикувани од силни владини инстанци. Но нема ни тие да дознаат како истите, уште во работна верзија, стасуваа до нас!           
      Мојот потпис е закон !           
  • 31.10. 2005
  •          Малата прес-конференција се претвори во голем настан со повеќе од 100-тина присутни, странци и наши, политичари и паталци, правници и музиканти. Македонските естрадни звезди ја пееја химната на иницијативата “Идат денови” а Вице-премиерката за евро-интеграции ја прогласи за отпочната кампањата “Мојот потпис е закон!” ветувајќи го својот скромен граѓански потпис.           Медиумите ја имаа својата приказна а владините служби својата забуна.          
      Големата Коалиција          
  • Ноември,2005
  •          На иницијалните 23 организации им се придружи Граѓанската платформа на Македонија, организациите на пензионери, Сојузот на жени па дури и екологисти, извидници и играорци. Голема коалиција се впушти во собирање на 10.000 потписи.
             ЗИОМ го советуваше (заплашуваше) своето членство да не се вклучи во иницијативата. Не сите беа подготвени да премолчат таква срамота.            
      Alas Barricadas!!!           
  • Декември, 2005
  •          Повеќе од трагикомично - и покрај сите циркузи, билборди и спотови кон 10.12. на конто имавме само 4 000 потписи. Килаво и јалово!!! Мозгавме и премерувавме кој е тука крив и на што тоа се должи… И тогаш падна команда “Прозор мора да падне!”
             Водечките организации во иницијативата ги испразниа своите канцеларии. Сите вработени, одборници, стручњаци и волонтери беа на улица. По мраз и снег, продолжи анимирање човек на човек. А медиумите добија настан кој трае и вреди да се следи.           
      Пријателот на мојот пријател...           
  • Ноември - Декември, 2005
  •          Многу планирани акции и проектни активности кои имаат врска со лицата со хендикеп или со граѓански активизам намерно беа одложувани да се случат во овој период. Ја ловевме секоја можност за анимација и медиумско покривање. Такви беа одбележувањата на паркинг места за лица со хендикеп пред институции (влада, собрание, градски собранија, познати компании), свеченото отворање на пристапното Собрание (остварено ветување), кандидатски статус на Р.М. во ЕУ, зимски игри, новогодишни пакетчиња...
             Втор таргет ни беа познати личности како сојузници при потпишувањето. И добивме потписи на познати глумци и пејачи, писатели, новинари, професори и политичари. На листата се повеќе од 40 пратеници, 38 градоначалници, претседателот на Собранието и Претседателот на Републиката.           
      Журка 17.000           
  • 30.12. 2005
  •          На ден пред нова година во просториите на Полио плус се случи “општонародна” 13 часовна журка на која продефилираа над 300 души, од различен статус, националност, провиненција, хендикеп ... сите оние на кои нивниот потпис, ете - станува закон.          Журката “17 000” била дезинформација. Вистинската бројка веќе ми ти поминала 19 000.           
      И да врне и да вее ...           
  • 03-06 Јануари, 2006
  •          Иако редицата правни и административни пречки ни го сведоја времето за собирање потписи скоро на половина - успеавме да собереме дупло повеќе потписи за дупло помалку време.
             Како тоа да не беше доволно од Министерството за правда ладно не информираа дека имаме само три дена (со засметани празници се сведе на ден и пол) да ги собереме книгите со потписи од 135 места расфрлани низ завеаната Македонија, оти инаку иницијативата не ќе ни била комплетна.
             И врнеше и вееше ама сите славеници и новогодишни мамурлии се распрскаа на сите страни и 18.968 потписи, на 6-ти Јануар, во пет за дванаесет, беа во архивата на македонското Собрание.
             Мислевме дека со тоа заврши и последната опструкција од страна на системот. Не бевме свесни колку сме биле наивни.           
      66 : 0           
  • 03.03. 2006
  •          Комисијата за труд и социјална политика (на 30.01.2006) и законодавно-правната Комисијата (на 02.02.2006) едногласно дадоа согласност, а Собранието со 66:0 (и акламација) даде поддршка за потребата од донесување на нашиот закон.
             Сите три форуми имаа проблем зошто немаат мислење од Владата. Подоцна ни дојде до рака и тоа фантомско мислење (од 09.02.2006). Мислењето беше негативно! Предоцна ... Главниот по односните прашања - Парламентот - беше позитивен.           
      Сe ми ти било противуставно           
  • Март - Април, 2006
  •          Собранието даде 60 дена за Предлогот за донесување на закон да стане Предлог закон. Во тој период беа одржани 7 јавни расправи и една медиумска (виртуелна) на страниците и порталот на “Дневник.
             Владата и покрај сите барања никако не се изјаснуваше. Кога целата приказна излезе по медиуми (по насловни страници) дојде и нивниот став ... Предлог-законот е противуставен бидејќи ми ти ги привилигирал лицата со хендикеп - а по уставот сите сме ми ти биле исти ...!?           
      9 и пол недели па избори           
  • Мај, 2006
  •          На два дена пред собраниската седница владините претставници побараа да го повлечеме предлогот за да можат да изградат свој став, убедувајќи не дека “Не сакале да бидат против нешто толку хумано!?”.
             Иако ни беше страв дека тоа е уште едно дневно-политичко дриблање - дадовме добра воља и простор за “игра” - го повлековме законот од седница. Владата си формира Интер-секторска (се разбира голема) работна група и донесоа заклучок дека таков закон (цело време) &  требал на Република Македонија, но само му фали мало рафинирање (ферментација) за да биде лесно применлив...
             Изборите (на кои актуелната власт ја изгуби поддршката) ставиа тиме-аут на сите законско-системски случувања. Чекавме формирање на нови министерства и нова работна група (голема, нели?).           
      Каде е Моника !!!           
  • Јуни, 2006
  •          Клучен момент во кратката историја на Полио е кога Звонко реши да се вклучи во иницијативниот одбор а потоа стана и член на ИО на ДОМ. Невладин а во политичка партија??? Па дури и на изборна листа?! Звонко мораше подоцна да објаснува дека правото на политичко здружување е едно од основните човекови права. Изгледа дека остана неразбран штом неколку претставници на други организации на лица со хендикеп (заедно со некои членови на Полио) му побараа своевиден импичмент. Но бидејќи Моника Левински ја немаше за крунски сведок иницијативата се покажа неуспешна. Но штетата веќе беше направена!!!           
      Организација од доверба           
  • Јули, 2006
  •          ИСППИ направи големо истражување за довербата на граѓаните во невладиниот сецтор. Полио Плус се здобива со неверојатен индекс на доверба од 13,6%. Водечката позиција е задржана и во следните две истражувања на истата тема. Уште поинтересен е фактот дека Полио има најнизок индекс на политичка манипулација и покрај тоа што Звонко два пати се најде на изборна листа.           
      Големата преселба           
  • Септември, 2006
  •          QBE ни го откажа гостопримството и по 5 години бесплатно користење на просториите моравме да се селиме. Им благодариме за поддршката. За среќа бевме подготвени за нешто слично и се преселивме во нашата сегашна канцеларија (во Аеродром). Понастрана ама поголема и целосно пристапна. И таму си свивме нов дом.          
      Куќа          
  • Ноември, 2007
  •          Полио Плус заедно со уште четири граѓански организации кои работат на различни целни групи но од аспект на човекови права ја формираа Куќата за човокови права на Македонија и ја здружија со истоимената фондација од Осло. Темелот беше фрлен, но за спратовите ќе треба уште многу да се помачиме.           
      Ветерани и регрути           
  • Декември, 2007
  •          Изборите биднаа како што биднаа. Четворица членови на нашата ИППЛГ беа повторно избрани за пратеници. Но види чудо - четворицата ветерани добија 15 нови регрути. Вториот состав на ИППЛГ се самоконституира на 3-ти декември. Стратешка заложба на акциониот план беше донесување на Системскиот закон и ратификување на ООН Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп.           
      Големото роварење           
  • Ефектот на 31.12. 2006
  •          Знаевме дека во исти секунд (на нова година) ни завршуваат три долгогодишни проекти а сепак (веројатно обременети од активностите) не презедовме ефективна акција за да го надминеме недостатокот од финансирање. И така уште есента започна да се шушка дека Полио пропаѓа. Луѓето (а и глувците) почнаа да го напуштаат бродот кој тоне. И пропаѓаше и тонеше и го немаше, сe додека во март Душко не го напушти Полио за да се посвети на екологија. И толку. Штетата беше поправена.            
      Консолидација           
  • Април, 2007
  •          Полио  Плус излезе од фазата на хибернација и како прва активност одговори на повикот на Владата со истражување и лоцирање на 68 надминати законски прописи “печени” за проектот “Законска гилотиња”. На пресот акцент беше ставен на прописите кои ги дискриминираат или ставаат во понеповолна положба лицата со хендикеп. Во тој период вредно работевме и поднесовме неколку проекти и сите до еден ги добивме!           
      Патувај со другите           
  • Април – Декември 2007
  •          2007 беше прогласена за Европска година на еднакви можности. Решивме да ги здружиме силите со другите ранливи групи и заедно по наша иницијатива, а со мала поддршка на ОБСЕ формиравме (невладино-владино-неофицијално) Тело за размена на информации за борба против дискриминација. Редица средби и седници на телото и на новата ИППЛГ беа одржани.           
      Еден до друг           
  • Декември, 2007
  •          Во предновогодишните денови Кампањата “Еден до друг – различни а еднакви” (на Полио Плус и МЦМС а во реализација на ОЗ – дизајн) беше поприсутна и од Дедо Мраз. Така барем ни кажаа од медиумите...           
      MHI           
  • Февруари, 2008
  •          Делегација од Mental Helth Initiativ од Будимпешта дојде кај нас и не замоли да им помогнеме во реализацијата на нивната програма за деинституционализација на Специјалниот завод Демир Капија... Прифативме. Од помош излезе поддршка, од поддршка партнерство, а од партнерството ништо. Но за тоа да се објасни малку ни се странициве кои ни се на располагање...           
      Телетонски по македонски           
  • Март, 2008
  •          Телефонски донации имало и ќе има, но Полио ќе остани запаме–тено по првиот и досега најголем телетон организиран по повод еден домашен проблем – во случајов феноменот хендикеп. На телефоните одговараше пола влада и уште стотина личности од јавниот живот. Понесени од успехот направивме уште два телетони. Кој тоа го може дами и господа???           
      Пак избори           
  • Мај, 2008
  •          Предвремените парламентарни избори ги одложија сите наши активности за донесување на Системскиот закон и за отпочнување на процесот на деинституционализација на Демир Капија. Летото и помогна на летаргијата...           
      Eqalite           
  • Јуни, 2008
  •          Од нашата програма за вработување произлезе формирање на независен синдикат на лицата со хендикеп “Еднаквост”. Елена го презеде водството а и одговорноста...Конечно – третиот столб во суб-колективното суб-договарање!!!           
      Panazz           
  • Есен, 2008
  •          Издржавме и успеавме да биде потпишан договорот за Демир Капија. Покрај тоа успеавме да поднесеме и да одбраниме два големи проекти (во Прогрес и ЕИДХР). Интересно, кога државата реши да направи тренинг-работилница на тема “Како да се аплицира во новата ЕУ програма Прогрес” кај нас веќе беа стасани парите. “Мајсторите” кои тоа го направија не беа ни повикани на средбата ?!          
      Антикорупционери          
  • Ноември, 2008
  •          Кампанјата на Полио за корупцијата во здравството од “Транспаренси” беше прогласена за “најлајт” корупциски настан во годината. Но без обзир на “светлиот” префикс успеавме да стекнеме уште неколку “мрачни” непријатели.            
      Де-институцио-проектизација           
  • Декември, 2008
  •          Првите лица со хендикеп (во случајов сите скопјани) деинституционализирани од Специјалниот завод во Демир капија беа вселени во првиот групен дом за независно живеење со поддршка во Скопје ... Премиерот и Министерот за труд и социјална политика им посакаа добредојде во нивниот роден град. После девет дена оние кои за тоа се бореа беа депроектизирани (Полио беше исфрлен од програмата). Можеби како одговор на нашата колумна “Донори и слонови”.           
      Очи в’ очи           
  • Март, 2009
  •          Избори – претседателски и локални. Полио ги собра сите претседателски кандидати на јавна трибина за да кажат како тие кога “би биле власт” би го решиле хендикепот. Прво нешто од тој тип. Некои парашања не им се допаднаа – ниту пак нас некои одговори.          
      ИППЛГ без Л          
  • 24.06, 2009
  •          Некои чудни душегрижници истуркаа закон за лобирање. И одеднаш нашите пратеници (во третиот состав) од ИППЛГ го изгубија “л”-то ама здобија членство од 44 пратеници. Си мозгаме дали да привлечеме уште 15 пратеници, па комотно да си формираме нова влада?!           
      МБД           
  • Пролет, 2009
  •          Полио и уште 10 организации го формираат Сојузот “Македонија без дискриминација”. Полио стана организација домаќин на извршната канцеларија а нашата Наташа в.д. Директор(ка) на Сојузот....           
      Биди Чувек           
  • 20 септември, 2009
  •          Канцеларијата ни е во општина Аеродром и најприродно (а и најлесно) е да ги “нагазиш“ комшиите. И види чудо – градоначалникот Коневски реши да ја направи својата општина најпристапна и најдостапна за лицата со хендикеп. Го отвори чекмеџето во општинскиот буџет, а згора на тоа заедно со нас организира хепенинг, концерт и телетон под ведро небо. Толку локално а толку глобално. Три часовен сателитски пренос со премиери, министри, евроамбасадори, ѕвезди и ѕвездички со најубавите манекенки…            
      Сплетки           
  • Ноември, 2009
  •          Полио додели награда на два медиуми (МРТВ и Вечер) за поддршка на својата работа. За втората бевме обвинети за промоција на дискриминатори (Латас). Роварачите дури свикаа вонредно собрание на МБД за да не исклучат од она што со мака го породивме. Секако не успеаја – но штетата беше направена ...           
      Нема крај           
  • 3-ти Декември, 2009
  •          Голем собир, големи говорници, големи теми. Па до каде е Системскиот, Конвенцијата, Дискриминацијата... Боже, на приказнава и нема крај.

             Со надеж дека нема да станеме поинакви, туку само -  попаметни ...

    … to be continued…         
    Внеси го бараниот поим
    +389 2 2400 544
    ПОЛИО ПЛУС
    Бул. АВНОЈ бр.64, Лок.2
    1000 Скопје, МАКЕДОНИЈА
    Европска Унија
    Back to content | Back to main menu