За нас - Полио Плус - движење против хендикеп

Margina Obscura Прашањето на хендикеп во пристапувањето кон ЕУ
Центар за вработување на лица со хендикеп
English
Macedonian
Go to content

Main menu:

За нас

ВИЗИЈАТА НА ПОЛИО ПЛУС

Полио Плус е лидер, активен креатор и носител  на суштинските промени за градење на светот како општество, во кое сите лица со хендикеп учествуваат целосно, како еднакви граѓани.   Полио Плус, потпирајќи се на индивидуалните вредности, како прилагодлива, истрајна и одржлива организација, а преку искористување на процесите и механизмите на посредната демократија, заедно со другите чинители, го промовира и наметнува пристапот за еднакви можности кој обезбедува учество на лицата со хендикеп во главните општествени текови.         

МИСИЈАТА НА ПОЛИО ПЛУС

Полио Плус е граѓанска организација на лица со и без хендикеп која работи на суштинско поврзување и целосно остварување на основните човекови права и слободи на лицата со хендикеп.  Нашата мисија е јакнење на самодовербата на лицата со хендикеп и креирање на општество со еднакви можности за сите.  Мисијата ја остваруваме преку застапување и лобирање за промена и унапредување на легислативата, образованието, вработувањето и независното живеење на лицата со хендикеп од една страна, како и подигнување на јавната свест, афирмирање на нивната креативност и придонес во заедницата од друга страна. “Полио Плус не патува сам”. Нашата мисија ја остваруваме заедно со другите чинители во општеството.     
   
ОДРЕДНИЦИ НА ПОЛИО ПЛУС

Во досегашното дејствување, секогаш сме поаѓале од аспект на човековите права, запазувајќи ги следните основни принципи:
  • 1) Полио Плус е организација со не повеќе од 100 членови
  • 2) Полио Плус е организација која нема свои ограноци низ државата
  • 3) Полио Плус е организација која не бара сожалување, ниту пак, го практикува кон кого било
  • 4) Полио Плус е организација во која секој е добредојден, без оглед на верската, националната, сексуалната, политичката или, каква и да е, определба
  • 5) Полио Плус е организација што го прифаќа и го практикува мотото: „Ништо за нас, без нас!“

  • ВРЕДНОСТИТЕ НА ПОЛИО ПЛУС

    Можеби не е соодветно за ваков клучен документ, но ова се слоганите (вредностите) кои не бодреа сиве овие години. Не гледаме зошто тие не можат да важат и понатаму. (Слободно може да се сметаат и - за наши, и само наши и, на свои плеќи, научени лекции)

    Посветеност и интегритет
    Посветени сме на мисијата и горди сме на нашата заложба за изградба и поставување на нови системи и вредности. Квалитет и посветеност, наспроти бројност и „тупаџиство“ (Работиме околу себе, а не на себе). Можат да сонат ... да не водат.. (Donors can dream to drive us)

    Одважност (Panage)
    Невозможноста е нашиот предизвик. Нема страв од суденото! А судбата сами си ја предизвикуваме…

    Самобендисаност
    Forget the rest – we are the best! – Верба дека знаеме и дека можеме (а во моментот не мора ништо никому да признаеме).

    Прифатен ризик
    “Тука работаат шизици кои прифаќаат висок степен на ризици”

    Само-свесност
    „Што не знаеме ќе прашаме, ако имаме пари ќе го купиме, ако не - ќе молчиме (и чекаме)”

    Достоинство
     Ако е за лица со хендикеп или ќе биде добро – или нема да го биде.

    Конфликт в.с. консензус
    Не мора да се усогласи она на што, бездруго (ако притиснеме), ќе мора да се согласат. (И обратно)

    Порој сме
    Ништо не може да ја сопре добрата идеја - чие време стасано е!.

    Нема моќ преку ноќ
    Кога во нештото/некаде има голема концентрација на моќ, ништо не се случува преку ноќ.

    Знаеме
    Нашата приказна го чека својот крај. Но, ние знаеме: СИТЕ ПРИКАЗНИ ИМААТ КРАЈ – САМО БОРБАТА Е ВЕЧНА!         
    СТРАТЕГИСКИ ПОСТУЛАТИ НА ПОЛИО ПЛУС
    Постулатите на нашето дејствување, за полесно разбирање ги врамивме во четири приказни.

    Приказна за правниот систем - сет на насоки насочени се насочени кон унапредување на правниот систем во општеството преку хармонизирање на законодавството со меѓународното, како и креирање на систем на политики и програми на национално и локално ниво.

    Приказна за образованието и вработувањето - систем од насоки насочени кон унапредување на положбата на лицата со хендикеп во пазарот на трудот и нивно активно учество во економската политика во Р. Македонија, како и признавање на вредностите на лицата со хендикеп на пазарот на трудот.

    Приказна за граѓаните – сет на насоки насочени кон поврзување со другите чинители од општеството за надминување на дискриминацијата и промовирање на концептот за вклучување на лицата со хендикеп во општествените текови.

    Приказна за социјалната политика – која опфаќа насоки кон промоција на концептот за независно и достоинствено живеење, како и креирање на сеопфатна кохерентна политика за регулаторните механизми за социјални сервиси за поддршка.

    Приказните произлегуваат една од друга, а  секоја од нив е причина и последица за самата себе, но и причина и последица за другите околу неа. Во овие приказни е вклучена и приказната за нашето постоење, јакнење и позиционирање во националните, регионалните и меѓународните води.

    Оваа приказна, и покрај тоа што не е спомната како одделна, се испреплетува низ претходно дефинираните четири приказни, за чие покренување и имплементирање е потребна соодветно јака и стабилна лидерска кавалерија.  

    Секоја приказна се состои од безброј комплексни приказни, насоки и актери, кои во и бездруго комплексната средина и разбранетото општетсвено море, се само една капка во морето.

    Во морето од проблеми и нерешени прашања овие приказни го опфаќаат сегменталниот дел и задираат длабоко во него, предизвикувајќи и носејќи нови бранови, нови патокази и секако нови приказни.

    Разгледувањето на секоја од овие приказни сама за себе во приказната наречена Полио Плус - движење против хендикеп, ќе претстаува само лошо скроен план од неправилно исечено време, актери и распарталени копнежи.  Калусот на нивното постоење и нивното остварување се наоѓа во духот на изреченото и помисленото, преточено во нашата визија, а тоа е да се изгради општество во кое лицата со хендикеп ќе учествуваат како еднакви граѓани.  

    И повторно доаѓаме до онаа наша, позната:

    Секоја приказна го чека својот крај, ама борбата е вечна!
    КАКО СЕ РОДИ ПОЛИО ПЛУС
    Полио Плус е „зачнато” во зимата 1999-2000 година (на преминот во новиот милениум) од група „партизани” (не)свесни за она што го започнуваат,  гонети од постоечката ситуација. Се разбира, целосно несвесни за тенката линија која ги разделува „партизаните (фреедом фигтерс/дефендерс) „лошите” „германци” или сегашните „салонски“ борци.

    Тогаш си зацртавме да бидеме мала и посветена група борци. Ако случајно нараснеме на бројка поголема од 100, тогаш сериозно да ги разгледаме нашите појдовни постулати. За среќа не се премноживме. Кога започнувавме, не бевме свесни дека, во суштина, сме првите „ластовички” од организациите на лица со хендикеп кои полетаа на ветровите на новото време.

    Уште веднаш сфативме (2000-та) дека морето од проблеми е преголемо за да може да се преплива, ако се сака да се премине на другиот брег. И дека сме премалку, ако сакаме нешто да сториме. Социјалните диносауруси (во облик на ЗЗИОМ, сегашен НСИОМ) уште веднаш не анатемисаја и ни се заканија со дерегистрација?! Државата не сакаше да слушне дека има вонбрачно дете...  А имавме дури и тајни членови?!

    Но, организацијата растеше...
    Сепак, колку ова и да личи на површно образложено, тоа беа денови на суштина и вистина, и како такво, П+ беше препознаено: награда за одржлив развој од МЦМС (2003), награда од Општина Центар (2005), награда од медиумите (2006), УСАИД Sustainable index за 2004-2005, награда за успех (ДПМ) и редица други благодарници и едно солидно истражување за довербата во граѓанскиот сектор во Македонија (ИСПИ 2006,2007), во кое П+ го „гази” вториот во Македонија за една третина од резултатот. Се чинеше дека организацијата го достигна својот зенит и ...

    П+ никогаш немало проблем со стратешката ориентација или со тактичкото поставување. Но, јасно е дека отсекогаш оперативното позиционирање ни бил камен на сопнување!

    Сега сме свесни дека сме своевидна „перјаница” на движењето на лицата со хендикеп во Македонија. Препознаени и прифатени.

    Тоа е само поголема одговорност, но и перспектива.
    Затоа, самосвесно решивме да влеземе во новото време, со нови стратегии и тактики на дејствувања, кои  ќе бидат предвесник на новите предизвици.

    Та, нели „Ништо за нас – без нас!”
    ПОЛИО ПЛУС, организација од доверба
    Што би рекле старите “Ако баба лаже - трап не лаже”.

    Нашето дејствување е препознаено и одобрено од самата јавност. Довербата што ја имаме кај граѓаните е очигледна.  Ако баба лаже - трап не лаже.  

    Од истражувањето од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за социолошки и правно-политички истражувања (ИСППИ), спроведено во 2006 година, произлезе извештај за довербата, одговорноста за општествените прашања и добротворството во Македонија, со репрезентативен примерок од 1.607 испитаници.

    Според извештајот, работата на Полио Плус е силно препознаена од јавноста, со високо искажано позитивно мислење. Во време кога Полио Плус, практично, ја покажа потребата од поактивно вклучување и учество на лицата со хендикеп во политичките кругови, и лидерот на Полио Плус беше предложен за пратеник, од вкупно 12 предложени организации, мнозинството од граѓаните го позиционираа Полио Плус на последното место, при што само  0,4 % сметаат дека сме партиски обоени.

    Од друга страна, 35 % од испитаниците го препознаваат Звонко Шаврески, претседателот на Полио Плус, како еден од 15-те влијателни лидери во општетсвото,

    Трендот за доверба и препознатливост на работата на Полио Плус – движење против хендикеп, беше потврден и во истражувањето кое МЦМС и ИСППИ го спроведоа две години подоцна, во 2008 година, со репрезентативен примерок од 1.600 испитаници.   
         
    10 НАУЧЕНИ ЛЕКЦИИ

      Вклучувај! Вклучувај! Вклучувај!         
    Немој никогаш да си помислиш дека си ги вклучил сите заинтересирани. Верувај, секогаш ќе се најде некој кој, ако не е вклучен, може и да не те разбере. Неразбирањето пак е пат кон непријателство. Немој тоа да го дозволиш! Отвори се. Твојата кауза е доволно голема за секој да си ја најде својата приказна во неа.
      Едуцирај!
    Без оглед колку луѓе си просветлил и преобратил на твоја страна, никогаш не ја потценувај нивната дотогашна едукативна рамка. Не дозволувај рамката да те врами. Ќе мора заедно да се борите против сеништата на минатото. Ама, колку порано почнеш да едуцираш, со толку помалку проблеми ќе се соочиш кога заедно ќе излезете на барикадите.
     
      Гледај ги невидливите!
    Твоите противници никогаш нема јавно да се изјаснат дека се против правата на лицата со хендикеп. Лустрирај и експозирај. Ама имај мерка и знај си дека с# е прашање на интерес. Не дозволувај твоите и нивните интереси без потреба да се разидат и да согорат.
     
      Не патувај сам!
    Една стара африканска поговорка вели:”Ако сакаш да патуваш брзо, тогаш патувај сам. Но, ако сакаш да стасаш далеку, патувај со другите”. Затоа, здружи ја својата борба со други паталци како тебе. Коалиции, мрежи, братства, очајници, завереници… Сe е легитимно додека е легитимна твојата кауза.
     
      Едно ЗАедно
    Никој не станал пророк во сопственото село. За да можеш да ја пренесеш пораката, ти требаат посветени луѓе и признати проповедници. Затоа, не дозволувај  тие малкумина што ги имаш, да ти изгорат. Заштити ги со фронтална акција на легитимни групи и институции кои те поддржуваат.  

      Подалечното е поблиску
    Развиј го процесот до максимум. Оди од околу и пополека. Само така ќе обезбедиш доволно време и простор да се “дигне прашина”, за што повеќе луѓе да можат да ја “сварат” пораката и да го доживеат нештото како свое. Таков човек нема да се предаде себе си (а ни тебе).  

      Колку подлабоко засекуваШ, толку отпорот е посилен!
    Знај дека ти си борец за промени и знај дека ти напаѓаш, ама полека со твоите иновации и реконструкции на постоечкиот систем. Колку подлабоко засекуваш, толку е посилен отпорот. И не заборавај, ти не се бориш до истребување, ама, не им ни оставаш маневарски простор.  

      Твојата кауза не е мистерија!
    Во “посредни” демократии, единствен начин да ја пренесеш твојата вистина е сепак преку посредна комуникација. Кажано модерно – медиуми. Фокусирај се! Поентирај! Колку си појасен, толку попрецизно ќе те пренесат. Соработувај со медиумите мудро; не ги малтретирај; биди присутен, ама не и досаден; биди остар ама не дрзок, и претстави се загрижено, ама не исфрустрирано. И, конечно, почитувај ги и помогни им на луѓето од новинарската фела. Тие тоа ќе знаат да го ценат.
     
      Нема слобода без борба!
    Дали идните поколенија ќе ги ценат придобивките од нашата борба? Не. Тие ќе се соочат со нивните предизвици наследени од нашево време. Исто како што ние денес се бориме со бремето на нашите претци. Само уште еден мал исчекор кон слобода. Сe може да се украде, сокрие  и подари - само слободата мора да се избори.      

      Различни а еднакви  - политичка матрица!?
    Позицијата и опозицијата се само различни групи на моќ, со поинаков ментален склоп кон нашата кауза: опозицијата секогаш ќе ветува, а позицијата секогаш ќе одложува. Еднакви се само во тоа што решавањето на хендикепот им е “споровозно” прашање. Но, знаеме, ниту Јован без земја сакал да има парламент, ниту пак, нашиот парламент сакаше граѓанска иницијатива.  Ама, што да правиме, ништо не ја сопира добрата идеја чие време е стасано.
    Внеси го бараниот поим
    +389 2 2400 544
    ПОЛИО ПЛУС
    Бул. АВНОЈ бр.64, Лок.2
    1000 Скопје, МАКЕДОНИЈА
    Европска Унија
    Back to content | Back to main menu